Индиска телевизија направи дебата за медиумските слободи со пантомимичари

Индиската телевизија НДТВ емитуваше цела дебатна емисија користејќи пантомимичари како гости, искажувајќи го на тој начин нивниот став за медиумските слободи во земјата.

Равиш Кумар, презентер на најпопуларното шоу на телевизијата „Prime Time“, направи пародична дебата околу тоа дали новинарите треба да се сомневаат и да ги преиспитуваат владините одлуки. Насловот на темата беше – „Ако не поставуваме прашања, што може да правиме?“.

Еден од пантомимичарите беше во улога на владин функционер, а друг во улога на интернет трол кој го поддржува. Тие одговараа на прашањата на водителот со гестови на закана со рацете и претерани изрази на лицето.

Сатиричното шоу доаѓа по владината забрана телевизијата НДТВ 24 часа да престане со емитување на програма, како казна за начинот на кој покривала напад врз воена база во јануари. Според Владата, каналот открил „стратешки-чувствутелни детали“ за акцијата, обвинувања кои НДТВ го негира.

Емисијата следува и по коментарите на Министерот за внатрешни работи Кирен Рижижу, кој минатата недела на новинарите им рекол дека „не е културно да се преиспитуваат властите и полицијата“.

Телевизијата НДТВ на својата интернет страна соопшти: „Кога властите и полицијата станаа поважни од прашањата? Власта значи отчетност. Без неа, моќта се претвора во нешто сосема друго“.