Хелсиншки: Говорот на омраза мора да се санкционира

Хелсиншкиот комитет алармира дека општествено политичките случувања во последниот период, како потпишувањето и ратификацијата на Договорот за добрососедство со Р. Бугарија, донесувањето на Законот за јазици, интензивираниот процес на преговори за името предизвикаа или станаа повод за спирала на националистички, ксенофобични, иредентистички, етноцентристички реакции од дел од експертската јавност но и од дел на граѓаните. Комитетот најостро ги осудува говорот на омраза и повикувањата на насилство, независно од кого потекнуваат и потсетува дека говорот на омраза мора да се санкционира

„Потсетуваме дека ваквите пораки и повикувања се исклучително опасни за карактерот и опстојувањето на нашето мултиетничко и мултикултурно општество. Оттука, Хелсиншкиот комитет упатува апел до сите граѓани на Република Македонија да се воздржат од употреба на говор на омраза, навредливи и провокативни пораки кон различните етнички заедници и националности.
Сепак, иако говорот на омраза и повикувањето на насилство и нетолеранција кои потекнуваат од обичниот граѓанин се опасни, далеку поопасни се оние кои доаѓаат од јавните личности во земјава, политичари, новинари, аналитичари, членови на академската заедница како и коментатори кои имаат значителен број на следбеници на социјалните мрежи. Овие личности носат многу поголема одговорност за искажаните зборови во јавноста преку било кој медиум поради нивната улога во креирањето на јавното мислење“, стои во соопштението на Хелсиншки.

Тие ја информираат јавноста дека ќе поднесат кривични пријави за искажани говор на омраза и повикувања на насилство за  искажаните ставови и пораки на новинарката Мирка Велиновска во гостувањето во емисијата „Лејт Најт Шоу“. Во емисијата, велат од Хелсиншки, Велиновска употребува погрдни и навредливи зборови за албанската етничка заедница во земјава и пошироко, претставувајќи ја како непријател на македонската етничка заедница и поттикнува меѓуетнички тензии и нетрпеливост.