Густав Фридолин, поранешен шведски министер за образование: Ние ги слушаме барањата на наставниците и учениците

Шведскиот образовен систем е рангиран меѓу најдобрите во Европа, па и во светот. Но, што го прави толку успешен? Според поранешниот министер за образование, Густав Фридолин, одговорот е многу едноставен – тие инвестираат во својот наставен кадар. Не само во плати, туку се обидуваат постојано да го доедуцираат и да го вреднуваат нивниот статус во општеството. Ваквиот однос на државата кон наставниците овозможува средина во која и учениците ќе сакаат да учат.

„Многу лесно се заборава јадрото, а тоа се наставниците и учениците“, вели Фридолин во интервју за Радио МОФ.

„Ако општеството во целост не ги гледа училиштето, наставникот и учењето како едно од највредните нешта, нема ниту децата. Ако наставникот не може да си ја врши работата на добар начин и е под стрес, или не е доволно платен за својата работа, тоа ќе го забележат и учениците. Нема да создадете атмосфера каде учениците ќе се трудат напорно да го стекнат потребното знаење“, додава тој.

„Децата го прават тоа што го правите вие“, додава.

Фридолин ја вршеше функцијата министер за образование од 2014 до почетокот на годинава, а сега е портпарол на Зелената партија. Тој е и професор по историја и религија, а вчера се сретна со наставници, претставници од невладиниот сектор и заменик-мнистерот за образование и наука Петар Атанасов за да ги сподели искуствата и предизвиците на Шведска. Вели добро ги познава проблемите кои му ги посочија во текот на тричасовната дискусија организирана од ДОМ.

„Кога ќе седнете заедно со наставниците, студентските организации – оние кои всушност ја вршат работата, сфаќате дека секаде се истите проблеми, било да се тие на системско ниво, или поделбата на одговорноста на локално и државно ниво, или пак, за тоа како училиштата ги подготвуваат учениците за нивната иднина“, забележа Фридолин, додавајќи дека образованието може да се развива само ако се инвестира во ваквите средби.

Тој посочи дека за Шведска е важно да постои култура на почитување на образованието. Само така, смета Фридолин, се согледуваат предизвиците на кои треба да се работи.

Образованието во Шведска е задолжително за децата на возраст од 6 до 15 години. Тие немаат финален испит, но имаат редовни тестови кои го следат напредокот на ученикот. Сепак, на оценката влијае целокупниот перформанс на ученикот во текот на целата година. Тестовите, појаснува Фридолин, служат за тие да се осигурат дека оценките се доделени на фер начин.

„Мора да работите на тоа оценките да не бидат зависни од еден тест и да не учите само за да поминете еден тест, туку да добиете оценка за вештината што ја стекнувате“, им воочи тој на македонските наставници и ученици.

Сепак, и Шведска има свои предизвици. Фридолин вели дека економскиот јаз е сè поголем и тоа се одразува и врз образовниот систем. Но, ако останатите држави се угледуваат на шведскиот образовен систем, тогаш од каде Шведска ја црпи инспирацијата за своите образовни реформи? Фридолин вели дека најмногу учат од Финска.

„Имавме слични образовни системи, но Шведска го промени својот систем, па се оддалечивме од Финска“, вели тој.

„Сега учиме, се обидуваме да се вратиме на патеката, особено во делот за деца кои имаат мали препреки во процесот на учење во раните години“, појасни тој.

Но, во исто време, учат и од Шкотска, која како што вели Фридолин има добар систем за инспекција. Исто така, учат и од фламанскиот дел на Белгија и Холандија за тоа како да имаат подобра социјална инклузија на ученици од различни економски категории. Сепак, најважната инспирација, повтори тој, се сопствените наставници.

„Една од моите први одлуки како министер беше што назначив училишна комисија каде имавме истражувачи, наставници, директори, ученици, но немаше политичари. Идејата беше оваа комисија да има слобода да предложи што е потребно за системот“, рече тој.

Изминатава година шведскиот образовен систем беше ставен на тест откако средношколката Грета Тунберг го започна глобалниот „школски штрајк“ барајќи поголема акција од државата во борбата со климатските промени. Но, наместо да добие укор или „неоправдани“ поради отсуството од часови, Фридолин вели дека таа им послужила како лекција за да сфатат што не чини. Признава дека образовниот систем потфрлил по ова прашање.

„Грета е голем критичар на шведскиот образовен систем поради слабата едукација за еколошки факти и наука. Многу професори сега се вклучени и сакаат да осознаат нови работи. Исто така, добар дел од нив се инспирирани од Грета. Ние сме горди тоа што Грета станува инспирација за светот, но исто така и ние се инспирираме од неа“, вели Фридолин.

„Сè што треба да правиме како политичари е да го наравиме наставникот да биде најдобар“, додаде тој.

Емилија Петреска