Групата Цивитакс бара одговорност за злоупотребите со вториот пензиски фонд

Групата Цивитакс смета дека наодот од анализите кои ги спровело и за кои зборува Министерството за труд и социјална политика не се изненадување имајќи предвид дека слично сомневање за незаконито однесување во ФПИОМ беше откриено и во 2016 година кога се објави дека не се исплаќале средства во вториот пензиски столб.

„Сметаме дека е недопустливо оштетените граѓани да се обесштетуваат со средствата на даночните обврзници (нивни лични средства), а при тоа сторителот да остане непознат. Во вакви услови владата треба да ја преземе својата одговорност и да утврди кој од одговорните и службени лица во МАПАС, ФПИОМ и раководителите на операторите на вториот пензиски столб се приклучил во незаконитото однесување со прикривање и непријавување, како и да ги утврди дирекните одговорни лица, а против нив да поведе постапка за утврдување на одговорноста и за изрекување на со закон предвидени санкции за секое дејствие сторено со намера, сторување или пропуштање“, стои во соопштението на Цивитакс.

Од Цивитакс укажуваат дека прикривањето на неодговорно и криминално работење долго време се
практикува во Република Македонија, на штета на граѓаните и буџетот.

„Тоа води до неодговорни и неотчетни политички претставници кои ја злоупотребуваат функцијата за политички цели на најнизок и најдрзок начин, ја еродираат ефикасноста на јавните финансии, го прават бесмислено постоењето најмалку на регулаторни тела, внатрешна ревизија, надворешна ревизија и јавно обвинителство“, додаваат од Цивитакс.

Групата ја повикува Министерката за труд и социјална политика да направи јавна презентација на наодите, да лоцира вина и потоа да посочи што е преземено за заштита на правата на даночните обврзници.

Пред неколку дена, Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, соопшти дека на 12.000 идни пензионери осигуреници не им се распределувале средства во приватниот (втор) столб. За нивно обештетување, сега ќе се префрлаат 19 милиони евра од Буџетот на РМ, а случајот ќе биде доставен до Јавното обвинителство.