Градските власти забранија ЛГБТ настан во Истанбул

 

Турските градски власти на Истанбул синоќа забраниле настан и филмска проекција поврзани со прашањата на ЛГБТ популацијата, кој требал да се одржи денеска, посочувајќи го ризикот по јавната безбедност како причина за таквата одлука.

„ЛГБТ+ собирот, маршот, филмската проекција и интервјуата кои треба да се одржат на 25 ноември во Бејоглу нема да бидат дозволени поради опасност по јавниот ред и мир, за да се заштитат правата и слободите на останатите граѓани и да се превенира криминал“, соопштиле од канцеларијата на градоначалникот на Бејоглу.

Минатата недела, турскиот главен град Анкара забрани јавно прикажување на филмови и изложби на ЛГБТ теми на неодредено време, повикувајќи се, исто така, на ризик по јавната сигурност.

Прајд парадите во Истанбул се забранети последните две години. Иако хомосексуалноста не е кривично дело во Турција, за разлика од многу други муслимански земји, сепак во земјата постои голема нетрпеливост кон ЛГБТ заедницата, пишува Ројтерс.

Граѓанските слободи во Турција станаа особено загрижувачка тема за западните држави по неуспешниот обид за пуч во јули 2016 година. Од тогаш, повеќе од 50 илјади луѓе беа затворени поради сомневање за поврзаност со обидот за пуч, додека 150 илјади луѓе добија отказ или беа суспендирани од работа.

Групите за човекови права и западните сојузници на Турција обвинуваат дека претседателот Реџеп Таип Ердоган го користи обидот за пуч како изговор за расчистување со неговите противници. Анкара соопштува дека мерките се неопходни, поради широката закана со која се справува.