Град Скопје распиша јавен конкурс за директор на јавната установа Младински културен центар

Од Младинскиот културен центар (МКЦ) на 30 септември информираа дека од страна на Град Скопје е распишан конкурс за директор на јавната установа Младински културен центар.

Од таму посочуваат дека Право на пријавување имаат сите државјани на Република С. Македонија кои ги исполнуваат законските услови за пријавување, опишани во Статутот на МКЦ.

„Покрај главните услови за пријавување кои мораат да бидат исполнети, како имање на меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик, 5 (пет) годишен работен стаж во областа на културата или 5 (пет) години работно искуство на работи или проекти во областа на културата врз основа на склучени договори за дело, кандидатите потребно е да поднесат и пријава со кратка биографија и програма за работа и развој на установата“, се вели во соопштението.

Рокот за поднесување на потребната документација изнесува 15 дена од денот на објавувањето на јавниот оглас во дневниот печат, дополнуваат од МКЦ.

Потребната документација кандидатот е должен да ја постави во оригинал или копија заверена на нотар. Пријавите за огласот треба да се достават до Јавна установа Младински културен центар – Скопје, Управен одбор (за јавен оглас за избор на директор); кеј Димитар Влахов бр. 15, 1000 Скопје

Од јавната установа ги покануваат  сите активни чинители во културата, индивидуалци со искуство во менаџмент на проекти од областа на културата, докажани познавања и вистински ентузијазам да се пријават.