Град Скопје: Градиме велосипедска рута, немаме надлежност за паркирањето околу Универзална сала

Градските власти велат дека на булеварот „Партизански одреди“ во тек е изградбата на втората фаза или таканаречената Рута 2 од проектот „ВелоСкопје“. Тврдат дека моментално се работи на потегот кај ТЦ „Буњаковец“ и тука ќе биде изградена велосипедска патека и заедно со пешачката патека овој простор ќе се стави во функцијата која му е предвидена со Генералниот и Деталните урбанистички планови.

Вакво соопштение од Градот пристигна до Радио МОФ откако група револтирани граѓани од 15 часот започнаа протест и блокираа дел од „Партизански одреди“. Станари што живеат околу Универзална сала велат дека нема каде да ги паркираат своите возила откако на целиот тој потег почнаа градежни зафати. Тврдат дека Град Скопје стартувале зафати без претгоно да им обезбедат паркинг простор.

Од Град Скопје, пак, потенцираат дека во оваа фаза се прават велосипедските тротоари на булеварите кои минуваат низ општините Аеродром, Центар, Карпош и Ѓорчр Петров, во вкупна должина од 11 километри.

„Инвестицијата треба да чини околу 60 милиони денари, а инаку со проект е предвидено да се реконструираат велосипедски патеки во должина од 51 километар. Град Скопје нема надлежност со паркирањето на посочената локација, затоа што просторот кој се уредува во велосипедска и пешачка  патека за тоа е предвиден со ГУП и ДУП-от“, стои одговорот на Град Скопје.

 

Б.Ш.