Глобалната потрошувачка на антидепресиви драстично зголемена за две децении – Европејците најголеми потрошувачи

Глобалната потрошувачка на антидепресиви драстично се зголеми во последните две децении, а Европејците се најголеми потрошувачи. Употребата на антидепресиви се зголемила за речиси два и пол пати од 2000 до 2020 во 18 европски земји, покажуваат податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), јавува Евроњуз.

Податоците на ОЕЦД покажуваат и драматично зголемување на анксиозноста и депресијата за време на пандемијата со коронавирусот.

Просечната потрошувачка на антидепресиви во 18 европски земји беше 30.5 од дневната дефинирана доза на 1.000 луѓе на ден во 2000 година, што се искачи на 75.3 од дневната дефинирана доза во 2020 година, што претставува зголемување од 147 отсто.

Но, овој вкупен просек крие многу различни појдовни точки за употреба на антидепресиви во 2000 година во одредени земји, кои се движат од 6.4 од дневната дефинирана доза во Естонија до 70.5 од дневната дефинирана доза во Исланд.

Чешка забележа најголем пораст со 577 отсто, додека во Франција се зголеми за само 38 отсто, што ја прави најниската промена во овие земји помеѓу 2000 и 2020 година, иако од релативно високо ниво.