Рекордни жештини низ Европа, властите стравуваат како климатските промени ќе се одразуваат на животот и економијата

Шпанија во петокот ги забележа најжешките температури пред почетокот на летото во последните четири децении, еден француски регион ги забрани настаните на отворено, додека италијанските земјоделци се зафатени од суша поради топлотниот бран кој ја зафати Европа кој се смета дека е последица на климатските промени.

Жештините беа толку силни што кралската трка со коњи во Аскот направи ретка измена во протоколот, па на гостите им беше дозволено да ги соблечат капите и палтата откако заминаа кралските претставници.

„Избегнувајте преголема изложеност на сонце, хидрирајте се и помагајте на најранливите за да не доживеат топлотен удар“, ова беше советот кој го упати до граѓаните шпанскиот премиер, Педро Санчез.

Температурите во Мадрид и Сарагоса ќе достигнат 40 и 42 целзиусови степени, соопшти шпанската национална метеоролошка агенција, нивоа кои не се забележани олку рано уште од 1981 година.

Медитеранските земји се се` повеќе загрижени околу тоа како климатските промени можат да влијаат на нивните економии и животот на граѓаните.

„Иберискиот полуостров станува сe` посува територија и нашите реки течат се` побавно и побавно“, додаде Санчез.

Пожарникарите се борат со повеќе шумски пожари на неколку места во Шпанија и Каталонија, како и во Замора во близина на западната граница со Португалија, каде ситуацијата е најлоша.

Во северните италијански региони пак постои ризик да се изгуби половина од нивното земјоделско производство поради суша, откако нивото на реките е на опасно ниско ниво, со што е загрозено наводнувањето, рекоа од лоби групата која ги застапува земјоделците.

Во Франција, округот Жиронд околу Бордо локалната власт забрани јавни настани на отворено, како и во затворени простори без соодветна вентилација. Температурите во голем дел од земјата достигнаа 40 степени за првпат годинава во четвртокот, додека во саботата се искачија и до 42-от степен. Рекордна ноќна температура беше измерена во Тараскон, јужна Франција, од 26,8 степени целзиусови.