Ѓорѓе Јовановиќ ја освои главната награда на конкурсот за стрип „Лифт“

Стрипот Наскоро градот ќе падне на Ѓорѓе Јовановиќ ја освои главната награда на шестиот конкурс за стрип „Лифт“.

Тој победи во конкуренција на петнаесет стрипови од четиринаесет автори и авторки кои учествуваа на конкурсот.

„Стрипот се издвојува со ликовната рафинираност (Јовановиќ суверено владее со цртежот, боите, колажните моменти), т.е. со прецизниот уметнички ракопис кој ги преиспитува и проширува границите на медиумот. Уметникот заслужува пофалби и поради ангажираниот пристап, бескомпромисно сликајќи ги морничавиот град и мрачните луѓе (луцидното портретирање е уште една одлична одлика на авторот) во епоха на војни, страв и несигурност. А сепак, во целата констелација, како контраст, има и доволно хумор, игривост, луцидност… Атмосферата во Наскоро градот ќе падне драматуршки веродостојно ја оцртуваат стиховите од истоимената песна на израелскиот поет Амир Ор, кои на делото му даваат дополнителни историски и воени (секогаш актуелни, за жал) контекстуализации“, стои во објаснувањето на жирито составено од Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Трајановски.

Жирито ги издвои и стриповите Let’s go Again на Иван Коминовски, во кој приказната е за млад цртач на стрипови кој не знае што да прави со себе и почнува разговор со сопствениот нацртан лик, како и стрипот Новиот Еден на Матеа Аризановска.

„Во секој случај, жирито им изразува благодарност на сите автори, низ сите шест години, што испраќаат стрипови и го одржуваат Лифт конкурсот не само жив туку и витален и поттикнувачки. Веруваме дека во годините пред нас конкурсот ќе расте, во секоја смисла“, велат организаторите.

Десетте најдобри стрипови од конкурсот објавени се во зборникот Лифт #6, традиционалниот придружник на наградата „Лифт“. Зборникот ќе биде објавен и во електронска форма, на Окно.