Solar System Recipe од Гоце Илиевски ја доби наградата „Лифт“ за најдобар необјавен стрип

Solar System Recipe од Гоце Илиевски ја доби првата награда на 4-тото издание на стрип наградата „Лифт“ за најдобар необјавен стрип во 2021 година.

Наградите беа доделени на 29 декември во КСП Центар-Јадро во организација на издавачката куќа „Темплум“, а притоа беше промовирана и истоимената публикација со избор од најдобрите пристигнати стрипови.

На четвртиот конкурс за стрип наградата „Лифт“ пристигнале 17 стрипови од 13 автор(к)и.

„Според воедначеноста на квалитетот ова е најдобриот конкурс досега. Поголемиот дел од седумнаесетте стрипови лесно можеа да ги добијат наградите, нијанси ги раздвојуваа во оценките. За жал, имаме само три награди. То ест, четири, зашто годинава третото место го делат два стрипа“, велат организаторите.

Еве ги најдобро оценетите стрипови за 2021 година:

1. Solar System Recipe од Гоце Илиевски

2. Dear Father од Гаја Смилевска

3. Осамената зима од Јована Велинова Трајанова и Прошетка од Владимир Илиевски.

„Професионален труд, одлично замислен и изведен и во детали и во целина, и како приказна и како цртеж и композиција. Приказната е без зборови, раскажана на девет табли кои изгледаат многу складно, со прецизно и поетично вклопени детали, светло, сенки, колорит, ефекти… Стрипот на моменти изгледа и како одлична геометриска уметност, со што убаво ни ја приближува темата: нашиот космос, поточно настанувањето на сончевиот систем. Еден од подобрите кратки македонски стрипови воопшто, не годинава, и не само во рамките на конкурсот за наградата Лифт“, стои во образложението за Solar System, Recipe од тричленото жири во сосотав: Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Трајановски.

Вкупниот награден фонд изнесува 500 евра (250 + 150 + 100), во книги и стрипови на книгоиздателството „Темплум“ и стрипарницата „Бункер“.

Повеќе за наградените стрипови прочитајте на следниов ЛИНК.

Првонаградениот стрип може да го прочитате во целост на следниов ЛИНК.