Во Гевгелија утре ќе се одржи референдумот на кој граѓаните треба да се изјаснат дали се за или против изградба на два нови рудника. Референдумското прашање на кое гевгеличани ќе треба да дадат одговор гласи: „Дали во Општина Гевгелија треба да се дозволи отворање рудници?“.
Право на изјаснување на референдумот имаат нешто повеќе од 19.000 жители на Општина Гевгелија, на 37 избирачки места.
Од ЦИВИЛ – Центар за слобода информираат дека нивен мониторинг тим ќе го набљудува спроведувањето на референдумот.
Тие информираат дека евентуални пријави за нерегуларности може да се поднесуваат на телефонските броеви: 078/746-138 и 077/691-526, а на располагање е и веб страницата „Слободни избори“ за пријава на изборни нерегуларности. ЦИВИЛ потсетува дека неодамна објави и онлајн Пријава на политички притисоци, мобинг и дискриминација. Пријави може да се поднесуваат и преку порака на Фејсбук страницата „Слободни избори“.
ЦИВИЛ ќе ги достави пријавите до Општинската изборна комисија во Гевгелија, а за текот на референдумот ќе ја информира јавноста преку соопштенија, прилози на веб страницата ЦИВИЛ Медиа и информации на социјалните мрежи на ЦИВИЛ.