Германија ги спречува шумските пожари преку сензори со вештачка интелигенција

Околу 400 сензори за рано детектирање на шумски пожари се поставени во германскиот регион Брандербург, кој е највеќе погоден од шумските пожари, јавува „Euronews“.

Сензорите може да го детектираат чадот од најраната фаза на огнот, со што се зголемува и забрзува гасењето.

Дополнително, сензорите се напојуваат на соларна енергија, а се закачуваат на дрвјата и ја мерат температурата, влажноста на воздухот и воздужниот притисок.

Сензорите работат со вештачка интелигенција, па преку претходно тренирање, машините можат да го разликуваат мирисот на пожар и гасовите испуштени од моторените возила.

„Во нашата лабораторија, преку вештачка интелигенција ги учиме сензорите на мирисите на различни шумски пожари, со што тие се претвораат во електронски нос. Можат да разликуваат и различни видови на пожар, односно да разликува пожар во букова и пожар во борова шума“, изјавиле од компанијата производител „Дријад Нетворкс“.

Научниците предупредуваат дека зголемената суша и потоплото време поради климатските промени го зголемува ризикот од пожари.