Германската Католичка црква ќе ги благослови истополовите заедништва и покрај ватиканската забрана

Католичките прогресивци во Германија одлучно се спротивставуваат на ватиканската одлука дека свештениците не можат да благословуваат истополови заедништва, пренесува „Euronews“.

Тие нудат токму такви служби во над стотина цркви на територијата на Германија, оваа недела.

Благословувањата се отворени миси и најновиот вид на отпор од страна на германските католици против документот кој беше објавен во март од страна на ватиканската канцеларија.

Според документот, католичките службеници не можат да ги благословуваат истополовите заедништва бидејќи Бог не благословува грев.

Документот ги задоволи конзервативците и ги разочара прогресивните католици ширум светот. Но ставот на Ватикан, наиде на отпор во Германија, каде Црквата е отворена за дискусија на вжештени теми како црковното гледање на хомосексуалноста како дел од формалниот процес на дебата и реформа.

Бројните црковни служби кои ги благословуваат истополовите заедништва се најновата ескалација во тензиите помеѓу конзервативите и прогресивците.

Папата Франциск кој се прослави преку децентрализираната црковна структура, веќе ја потсетил германската хиреархија дека треба да ги почитува одлуките од Рим за време на реформите.

Но во Берлин, свештеникот Јан Кордитшке, веќе одржува црковни служби за благославување на истополови заедништва.

„Јас сум убеден дека хомосексуалната ориентација не е лоша, ниту пак хомосексуалната љубов е грев. Сакам да ја славам љубовта на хомосексуалците“, изјавил тој.

Според свештеникот, многу е важно хомосексуалците да учествуваат во Католичката црква. Тој дополнил дека не се плаши од пречки од страна на високопоставените црковни авторитети од Ватикан.

Поглаварот на германските бискупи минатиот месец ја критикувал иницијативата за геј благословите која ја нарекол „Љубовта победува“.

Тој истакнал дека тие не се вклопуваат во црковните политички манифести или политички акции.

Сепак, Централниот комитет на германски католици ја поддржал иницијативата. Оттаму се изјасниле дека ватиканскиот документ не е од голема помош и дале поддршка на „Љубовта победува“.