[Галерија] Тираносаурус и стегосаурус во Градски парк, отворен скопскиот Дино-парк

Синоќа официјално беше отворен Дино-паркот, новата туристичка атракција во Скопје, кој ќе биде лоциран веднаш до Скопската зоолошка градина.

Првите посетители имаа можност да дознаат нешто повеќе за неверојатниот свет на диносаурусите и да видат како изгледале тираносаурусите, стегосаурусите и алосаурусите во природна големина.

Во Дино-паркот има вкупно 41 реплика на диносауруси од периодот на креда и јура и се простира на површина од 2.000 метри квадратни. Дел од диносаурисите се во природна големина, со синхронизирани движење проследени со звуци.

„Ова е првиот Дино-парк на Балканот каде што има толкав голем број фигури од праисториски животни, како и едукативни содржини за секој од различните видови животни. Токму поради тоа очекуваме овој парк да прерасне во туристичка атракција која заедно со зоолошката градина која и сега е полна со посетители, дополнително ќе ја збогатат туристичката понуда на градот . Скопскиот Дино-парк е еден од најзелените тематски паркови во Европа, со засадени над 300 садници на ниски и на високостеблести растенија“, кажа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој дополни дека за изградбата на овој парк од Буџетот на Град Скопје се потрошени околу 350 илјади евра.

Дино-паркот има два влеза, еден од внатрешноста на Зоолошката градина и уште еден од страната на Градскиот парк, а билетот за влез ќе чини 50 денари.

Фото: Град Скопје