Зелен кров на Домот на градежници во Скопје, ќе се користи како летно кино

Градот Скопје во соработка со УНДП го уреди вториот зелен покрив во строгиот центар на градот – покривот на Домот на културата „Кочо Рацин“, попознат како Домот на градежници.

Според проектот, на површина од речиси 400 квадратни метри се засадени над 30 различни видови садници – дрвја, средно и ниско зеленило кое е функционално распоредено, има тревна површина и вертикално зеленило на ѕидовите, а поставени се и клупи и канделабри.

Од Град Скопје најавија дека идејата е тука, во текот на летото да се организира мини отворено „немо“ кино, каде проекциите ќе се следат со слушалки. Оттаму додаваат дека руинирниот покрив на Домот на градежници во Стратегијата за климатски промени на проектот „Отпорно Скопје“ беше препознаен како едно од неколкуте „урбани топлотни острови“ кои влијаат на зголемување на просечната температура во градот.

Согласно со податоците од релевантни истражувања температурите на зелениот покрив можат да бидат пониски од 16 до 22 Целзиусови степени споредено со конвенционалните покриви. Со тоа, температурите на околината можат да се намалат до 3 Целзиусови степени, при што потрошувачката на електрична енергија потребна за ладење на овие објекти би се намалила за 0,7%, појаснуваат од Град Скопје.