Fridays For Future бара од средните училишта во Скопје да ги пуштат учениците на протестот за клима

Во петок, младите во Скопје ќе излезат на протестен собир, со кој ќе се приклучат на „Неделата за иднината“ со која ќе побараат од властите посериозна климатска акција.

Поради ова, скопскиот огранок на Fridays For Future побара од средните училишта во главниот град да се солидаризираат со глобалниот настан и да им дозволат на средношколците да ги напуштат првите два часа од втората смена задутре во петок, за да можат да присуствуваат на протестот пред Владата со почеток во 13 часот.

„Добивме десетици пораки од наши соученици кои сакаат да бидат дел од протестот, но се плашат дека ќе сносат последици поради тоа“, велат од Fridays For Future.

„Апелираме до професионалната етика, но и до совеста на директорите и професорите од скопските училишта. Драги просветни работници, пронајдете ја повторно во себе причината поради која сте ја избрале оваа вокација. Ова не е обично отсуство, или бегање од часови, туку нешто многу поголемо и поважно. Не им ставајте неоправдани изостаноци на вашите деца, туку напротив, охрабрете ги да дојдат на настанот и заедно со нивните врсници од целиот свет да се изборат за здрава и безбедна иднина! На крајот на краиштата, придружете им се и вие! Тие не смеат да се плашат од вас и од вашиот образовен систем, туку треба да ја развиваат свеста за тоа што не опкружува и тоа што претставува вистинска закана за нивните млади животи!“, стои во апелот на движењето.

Пред два дена, 16-годишната активистка Грета Тунберг им соопшти на милионите нејзини следбеници на социјалните мрежи дека под притисокот на нејзиното движење за климатска правда Fridays For Future, средните училишта во Њујорк нема да ги спречуваат учениците да присуствуваат на протестот пред седиштето на Обединетите Нации, каде ќе се одржи големиот самит за климатски промени викендов. Според очекувањата, по оваа одлука, повеќе од два милиони млади ќе излезат на улиците на Менхетн.

Од скопскиот огранок на движењето најавија низа настани за зголемување на свеста за еколошката криза во текот на целата „Недела за иднината“.

„Но, протестот во петок е најважен, затоа што од него ќе се испрати пораката дури до Њујорк дека и во Македонија се свесни дека климатските промени претставуваат најважно прашање на 21-от век, и дека најмладите генерации се тие кои ќе бидат жртвите на одложувањето на неговото решавање. Опстанокот на човековата цивилизација зависи од наредните недели, месеци и години. Обидете се како образовен кадар да им овозможите на вашите ученици да ја доживеат возраста која вие ја имате“, порачуваат од Fridays For Future.