[Фото] Врачена наградата „Мајка Тереза“ на Ленче Здравкин и Омер Калеши

На активистката и хуманитарката Ленче Здравкин и сликарот Омер Калеши на свеченост во Собранието на Република Македонија им беше врачена државната награда „Мајка Тереза“ за 2018 година.

Наградата се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.

„Ја искажувам мојата благодарност со мојата маленкост, оваа награда денес ја примив од вас, но јас со широко срце ќе кажам дека наградата ја заслужија и граѓаните на Велес, Скопје, Охрид, Тетово и сите градови во Македонија. Наградата е цела Македонија“, рече Здравкин, која доби светско внимание поради нејзината несебична помош на бегалците кои поминуваа покај нејзината куќа во Велес за време на бегалската криза во 2015 година.

Сликарот Омер Калеши изрази задоволство што ја добива наградата и што заедно со него е наградена и Здравкин.

„Кога станува збор за заедништвото, ќе цитирам одредени реченици: Ние сме дошле на светот да се соединиме, а не да се одвоиме“, рече Колеши посочувајќи дека додека Мајка Тереза се занимавала со животот и здравјето, тој се занимава со главата и душата на човекот.

 

Наградата се доделува од 2006 година, симболично, на 26 август – денот на раѓањето на Мајка Тереза.

Од 26 август до 5 септември ќе се одржи и традиционалната манифестација „Денови на Св. Мајка Тереза“, во организација на граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“.

Манифестацијата почнува утре претпладне со положување свежо цвеќе на спомен плочата на местото на нејзината родна куќа, како и на споменикот и нејзиното светилиште во Феудална кула.