[Фото] Собир во Скопје за поддршка на жителите на Иловица против отворање на рудник

По вчерашните повици на социјалните мрежи за поддршка на активистите кои се борат против отворање на рудникот во Иловица, утрово десеттина активисти од Скопје организираа собир за поддршка на тамошните жители во близина на седиштето на концесионерот „Еуромакс“.

„Дојдени сме тука во Скопје со една цел, да дадеме поддршка на нашите активисти и борци за зачувување на планината Огражден во Струмица, кои веќе петти ден протестираат рано наутро уште во 5 часот одат на падините во Огражден, каде со жив ѕид се борат против узурпаторите на нашата планина. Се собравме тука во Скопје во еден помал број да им дадеме поддршка како би се солидаризирале со нивната борба против рудниците“, изјави Трајче Ристоманов, активист од Еко Долина – Ново Село, за Радио МОФ.

Имено, жителите на Иловица веќе петти ден од утринските часови го блокираат пристапот до планираниот рудник.

Тие бараат од Владата во најскоро време да го донесе потребното решение и согласно законите да биде одземена концесијата за рудникот. Воедно, најавија масовна мобилизација на граѓаните.