[Фото] Ќе се отстрануваат времените објекти во кампот „Градиште“

Општина Охрид донесе Решение за отстранување на времените објекти, во автокампот „Градиште“ откога при спроведениот вонреден инспекциски надзор на 15 автокамп приколки, затекнати биле бетонски подлоги, метални настрешници, целосно затворање на автокамп приколките со лим, дрво, алукобонд и водоотпорни гипс картон плочи, информира охридскиот градоначалник Константин Георгиевски.

Според Георгиевски, на местото исто така биле затекнати и недозволени дрвени и метални конструкции и времени објекти, а на одредени локации и приклучоци за водоводна мрежа, канализациона мрежа и електрична енергија.

„Овие дејствија во автокампот ‘Градиште’ се надвор од сите одобрени проекти и законски прописи токму затоа Општина Охрид апелира, сопствениците сами да ги отстранат сите доградби и надградби на камп-приколките во спротивно во следниот период ќе бидат отстранети“, стои во објавата на Георгиевски на Фејсбук.

Георгиевски додава дека Општина Охрид и во следниот период ќе продолжи со спроведување на инспекциски контроли и во другите автокампови на крајбрежјето на Охридското Езеро.

Инаку, иницијативата „Глас за спас на Охрид“ пред неколку денови реагираше кон Георгиевски, велејќи дека за „градоначалникот се невидливи дивоградбите што узурпаторот ги има изградено во Градиште“. Според претходните тврдења на иницијативата, локален бизнисмен има узурпирано земјиште околу 100.000 м2 кои се предмет на денационализација во Градиште, и постојано гради нелегални објекти.

Фото: Константин Георгиевски/Фејсбук