Само 3% од бегалците се запишани во високо образование

„Денес, само 3% од бегалците се запишани во високо образование. Невклучувањето на бегалците во високото образование значи нивно изоставување. УНХЦР го цени партнерството со образовните институции затоа што веруваме во моќта на образованието. Образованието навистина може да го направи светот подобро и поинклузивно место за сите. Образовните програми како комплементарни патишта можат да им помогнат на бегалците да добијат високо образование и истовремено да бидат инвестиција во идните ресурси на државите, при што им се нудат решенија на оние на кои им се потребни“.

Ова го изјави претставничката на УНХЦР во С. Македонија, Моника Сандри на тематскиот Форум за меѓународна заштита, со фокус на комплементарни патишта за бегалци.

Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Скопје, проф. д-р Сашо Георгиевски, изјави: „Образовните комплементарни патишта вообичаено остварени преку универзитети на трети земји, граѓански организации, власти и УНХЦР можат да го адресират овој проблем преку овозможување на бегалците кои престојуваат во земји каде бараат заштита безбедно да се преместат во трети земји со цел продолжување на образованието“.

По повод отварањето на форумот се обрати и претседателот Стево Пендаровски. Според него, конфликтите, тероризмот, пандемијата, социо-економската и финансиската нестабилност и натаму ги нарушуваат начините на живот ширум светот.

„Тие продолжуваат да ги загрозуваат човековите права и слободи предизвикувајќи хуманитарни катастрофи од големи размери и невиден број бегалци-лица на кои им е потребна заштита додека бегаат од прогон поради нивната раса, религија, националност, членство во одредена општествена група или политичко мислење. Државите ја имаат главната одговорност кога станува збор за заштитата на бегалците и човековите права. Затоа мораме да предничиме во исполнувањето на обврските преземени со Глобалниот договор за бегалците и Глобалниот форум за бегалци“, рече тој.

Инаку, форумот беше организиран од Центарот за право на бегалци и миграција при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при УКИМ во Скопје, во партнерство со Претставништвото на УНХЦР од С. Македонија и со Меѓународниот институт за хуманитарно право во Санремо.

Организаторите информираат дека форумот беше домаќин на меѓународно признати експерти, а е организиран како поддршка на заложбите на земјава кон Глобалниот компакт за бегалци во 2018, чии основни цели вклучуваат проширување на решенија за бегалците во трети земји.

„Во склоп на форумот се формираа и различни работни групи кои креираа предлози за можностите за комплементарни патишта за образование на бегалци низ призма на универзитетите, властите и граѓанскиот сектор. Резултатите од работните групи ќе бидат објавени во документ за јавна политика“, велат од Центарот за право на бегалци и миграција.