[Фото] Блокатори предизвикуваат сообраќаен хаос на „Партизанска“

Пешачката патека на булеварот „Партизански одреди“ на потегот од раскрсницата со „Рузвелтова“ кон Универзална сала, веќе долго време има поставено блокатори (нелегално) кои служат за обезбедување паркинг место за автомобили, реагира велосипедската иницијатива „НаТочак“.

Од таму потенцираат дека, во таа насока, не се поставуваат ниту заштитни столпчиња на работ на велосипедската патека кои треба да обезбедат безбедно движење на велосипедистите и пешаците.

„Бидејќи пешачката патека е блокирана од паркирани автомобили, велосипедската патека ја блокираат пешаците кои движат по неа бидејќи се избркани од својата матична патека од нелегално паркираните автомобили“, реагираа од иницијативата НаТочак.

Оваа реакција на НаТочак беше објавена во петокот, а викендов читатели до нашата редакција испратија нови фотографии од „Партизанска“. По неа се уште можат да се забележат возила на пешачка патека, а пешаци по велосипедска патека. Возилата користат коловоз, а истовремено ги узурпираат јавните текови на останатите учесници во сообраќајот. Со тоа се создава сообраќаен хаос.

Град Скопје на 14 ноември постави известување за отстранување на блокаторите и даде рок од три дена, а во спротивно Инспекцијата за патишта на Град Скопје би спровела инспекциска постапка. Викендов поминаа 30 денови од ова соопштение.

Известување од Град Скопје од 13.11.2017

„Инспекцијата за патишта на Град Скопје може ли да одговори до каде е инспекциската постапка и кога да очекуваме отстранување на блокатори, оттука одблокирање на велосипедската и пешачката патека? Да потсетиме дека една од мерките за намалување на загадувањето е стимулирање на велосипедскиот сообраќај. Во овој случај, на терен гледаме единствено стимулирање на моторизираниот сообраќај со овозможување бесплатен паркинг на јавна површина. Очекуваме одговор“, реагираа од НаТочак.