Филозофското друштво на Македонија востановува три филозофски награди „Константин Философ“

Филозофското друштво на Македонија (ФДМ) распишува конкурс за доделување на награди „Константин Философ“ за 2023 година.

Наградите „Константин Философ“, информираат од ФДМ, се доделуваат во три категории: за животно дело, за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач.

„Филозофското друштво на Македонија ги востановува наградите ‘Константин Философ’ со цел оддавање признание за постигнувања и значаен придонес за развојот на филозофијата во нашата земја“, се вели во дописот на Друштвото.

Наградата за животно дело, како што соопштува ФДМ, се доделува за вкупниот опус на филозоф во филозофското творештво, филозофското образование, како и за афирмацијата на филозофијата во земјата и во странство. Наградата за филозофска книга на годината се доделува за оригинален и значаен труд од областа на филозофијата објавена во текот на календарската 2023 година. Наградата за млад филозофски истражувач се доделува за истакнат творечки придонес на филозоф до триесет и пет годишна возраст.

Кандидати за наградите во рамки на конкурсот се државјани на Република Северна Македонија, а предлози за доделување може да поднесе секој полнолетен граѓанин, група, здружение или институција што се занимава со образовна, научна и истражувачка дејност.

„Предлогот за кандидатот треба да содржи образложена пријава и релевантна био-библиографија (освен за наградата за филозофска книга на годината). Предлозите се сметаат за валидни доколку во предвидените рокови стигнат на адресата на Филозофското друштво на Македонија, бул. Гоце Делчев 9А, 1000 Скопје (Филозофски факултет) или на официјалната електронска адреса: macedonian.philosophy@gmail.com . (За предлозите испратени по пошта краен рок е датумот и часот на поштенскиот печат во подолу назначениот рок за предавање.) За наградата ‘Константин Философ’ за филозофска книга на годината (за 2023 година) потребно е да се испрати еден примерок од делото на горенаведената адреса, и/или финална пдф. верзија од делото на посочената електронска адреса“, се вели во соопштението на ФДМ.

На Конкурсот се доделуваат три награди, по една во секоја категорија. ФДМ на добитниците на наградите ќе им додели соодветни Дипломи.

Крајниот рок за доставување на предлозите за наградата за животно дело и млад филозофски истражувач е 1 октомври 2023 година и 15 јануари 2024 година за наградата за филозофска книга на годината.

Одлуките за добитниците на наградите ги донесува тричлена стручна Комисија назначена од страна на ФДМ, а на добитниците на наградите ќе им бидат доделени соодветни Дипломи.

„Одлуките за добитниците на наградите се објавуваат во средствата за јавно информирање и социјалните канали на ФДМ, десет дена пред свечените доделувања, односно 6 ноември 2023 год. (за наградата за животно дело и за млад филозофски истражувач) и 1 март 2024 год. (за наградата за филозофска книга на годината). Свеченото доделување на наградите ќе се изврши на 16 ноември 2023 год., на одбележувањето на Светскиот ден на филозофијата (за наградата за животно дело и за млад филозофски истражувач) и на 10 март 2024 год., денот на Филозофското друштво на Македонија (за наградата за филозофска книга на годината)“, информираат од ФДМ.