Промоција на зборникот „Филозофија и филм“ во рамки на 12. Филозофски филмски фестивал

Второто издание од едицијата „Филмософија“ од Филозофското друштво на Македонија, зборникот „Филозофија и филм“ ќе биде промовирано во среда од 17:00 часот во Културно информативниот центар (КИЦ).

Станува збор за зборник што содржи текстови од 12 автори од цела Европа коишто пишуваат на различни теми од областа на филм-филозофија; Сердар Озтурк (Турција), Сенка Анастасова (Македонија/САД), Доминик Шато (Франција), Дамир Смиљаниќ (Србија), Георгиос Арабаѕис и Евангелос Протопападакис (Грција), Дарко Штрајн (Словенија), Џон О’Меларка (Ирска/В. Британија), Наил Кенеди (В. Британија), Тијана Петковска, Бошко Караџов, Сашо Кокаланов (Македонија) и Слава Јанакиева (Бугарија). Притоа, сите текстови се напишани на англиски јазик.

Зборникот произлегува од Првата меѓународната конференција „Филозофија и филм“ што се одржа во мај во рамките на 11. Филозофски филмски фестивал. Промотор на настанот ќе биде заменикот амбасадор на Шпанија, Ернесто Хередеро дел Кампо

Промоцијата се организира во рамките на 12. Филозофски филмски фестивал.