Европскиот институт за иновации и технологија отвори иновациски центар во С. Македонија

Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) го објави почетокот на првиот заеднички центар во Северна Македонија, кој треба да ги подигне регионалните иновации на повисоко ниво и ќе им обезбеди на локалните претприемачи, иноватори и стартапи поддршка за иновации.

Новиот центар беше промовиран денеска во Центарот за трансфер на технологија и иновации – ИНОФЕИТ во Скопје.

„Со оглед на неговата експертиза и присуство низ Европа, Европскиот институт за иновации и технологија е уникатно позициониран да нѐ поддржи во зголемувањето на нашите иновациски капацитети и во создавањето на посилни синергии меѓу регионалните партнери. Со нетрпение очекувам да видам нови револуционерни технологии и нови можности за претприемачите во Северна Македонија“, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, по повод отворањето на Регионалниот центар на ЕИТ.

„Поради потенцијалот на таленти во регионот и економските предности, особено во `паметното` земјоделство и информациските и комуникациските технологии, Западен Балкан е важен регион за заедницата на ЕИТ. Наша цел е да го зголемиме пристапот до можностите на ЕИТ преку новиот центар и да го зајакнеме иновацискиот капацитет на Северна Македонија. Очекуваме многу успешни приказни да се родат овде и да се прошират кон европскиот пазар“, рече претседателот на Управниот одбор на ЕИТ, Нектариос Тавернаракис.

Новоотворениот центар во Северна Македонија ќе ги претставува сите Заедници на знаење и иновации на ЕИТ и ќе се фокусира на привлекување и ангажирање на што повеќе македонски учесници во активностите на ЕИТ. Центарот ќе им обезбеди на иноваторите централизиран извор на информации за сите услуги и можности кои се обезбедени од целата заедница на ЕИТ. Дополнително, тој ќе го предводи ангажирањето на заедницата на ЕИТ со властите, обезбедувајќи поддршка за политиките и експертиза според потребите.

Мартон Херцег, раководител на секторот за иновациски екосистем при ЕИТ, објасни дека Институтот обединува огромна мрежа од околу 2.000 компании, 1.000 високообразовни и истражувачки институции и 300 градови, региони и невладини организации, и тоа преку обучување нови генерации претприемачи, развивање иновативни производи и услуги и зајакнување на стартапи и компании со брз раст. Според презентираните податоци, во Северна Македонија во текот на 2021-2022 година, инвестирани се 800.000 евра во рамките на ЕИТ грант, креирани и поддржани се 5 инвестиции и повеќе од 1.300 учесници се ангажирани во едукативни активности и обуки.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски се осврна на Стратегијата за паметна специјализација на Северна Македонија, која е во фаза на финализирање и треба да обезбеди модерен пристап кон економскиот развој, особено во `паметното` земјоделство и преработката на храна со висока додадена вредност, секторот на информатички и комуникациски технологии, индустријата 4.0 и одржливите материјали и `паметни` згради.

„Подготвени сме да го ставиме на располагање целиот наш капацитет за имплементација на оваа стратегија и да придонесеме не само со нашите научни и истражувачки потенцијали, туку и во поширок општествен контекст. Во таа насока, веќе направивме сериозни чекори за развој на студиски програми и истражувачка инфраструктура кои би придонеле за развој на националните капацитети во спроведувањето на стратегијата“, кажа Јанкуловски.

ЕИТ го назначи Александар Стамболиев за национален секретар кој ќе ги води операциите на новиот центар во Скопје.

Новиот центар е дел од програмата Регионална иновациска шема на EИТ, која е дизајнирана да се справи со постојаниот иновациски јаз во Европа. Центарот во Северна Македонија е првиот од регионални центри што се планирани да се отворат во следните три години – во Кипар, Малта, Црна Гора и Украина, за да се обезбеди зајакнато присуство на ЕИТ низ цела Европа.