Платите на универзитетските професори ќе се покачат од септември, најави премиерот Ковачевски

Откако професорите од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје најавија штрајк во јунската испитна сесија незадоволни од нивните плати, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека покачување на платите веќе е планирано во Буџетот почнувајќи од септември.

„Го видов писмото од универзитетските професори и контактирав со нив и ги информирав дека покачувањето на платите е предвидено во Буџетот од септември. Точно е дека во целиот образовен сектор треба да се покачат платите и доколку го погледнете буџетот во тој дел ќе видите дека од година во година се зголемува износот во однос на платите во високото образование“, истакна премиерот Ковачевски.

Ковачевски уште додаде дека, освен за платите, има раст и за инвестициите во образованието и науката.

Пред два дена професорите од УКИМ преку отворено писмо се обратија до премиерот, претседателот на Собранието и министерот за финансии, во кое велат дека постои огромно незадоволство поради актуелната состојба, додавајќи дека „никогаш во историјата УКИМ не бил подеградиран и заборавен“.

Тие во писмото предупредија дека ќе организираат протест и штрајк во јунската испитна сесија доколку не се исполнат нивните барања.