Европратениците гласаа за укинување на летно и зимско сметање на времето

Европскиот Парламент денеска го одобри предлогот за укинување на летното и зимското сметање на времето, но конечната одлука треба да ја донесе Европската комисија (ЕК) која ќе ги преиспита предностите и недостатоците од евентуалната промена и да го има последниот збор. Во Парламентот, 384 гласаа „за“ укинување промената на стрелките на часовникот, а против беа 154 европратеници.

Од 1996 година граѓаните на земјите од ЕУ ги поместуваат часовниците за еден час понапред во последната недела на март, и еден час поназад во последната недела од октомври.

Барањето за укинување на поместувањето на стрелките на часовниците беше покренато од страна на Европската комисија во Унијата поради повеќе докази за негативно влијание од праксата. Парламентарците кои се за укинувањето, велат дека дека истражувањата покажале дека една петтина од популацијата страда од здравствени проблеми поради зимското и летното сметање.

Летното и зимското сметање веќе е укинато во Русија, Турција, Белорусија и Исланд. Во Македонија, како дел од СФРЈ, летното сметање на времето се користи од 1983 година, а од 1996 година е регулирано со Закон за сметање на времето.