Едукативни „Разговори за родителство“ во Кавадарци во организација на УНИЦЕФ

УНИЦЕФ на 6-ти јуни во Кавадарци продолжува со едукативни разговори водени од експерти за детски развој. Настанот ќе се одржи во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ со почеток од 18 часот.

Настанот ќе го води Сашко Коцев, а Битрикс Културен центар ќе настапи со претставата “Тишина” – аудио-визуелен перформанс кој ги оживува сите сетила на публиката и овозможува во целост да учествуваат во доживувањето.

На настанот ќе учествуваат и деца и млади од балетското студио “Линеа” од Кавадарци со перформанс на тема храброст.

„Најновите сознанија во науката покажуваат дека во првите години од животот, човечкиот мозок се развива со брзина која никогаш потоа нема да се повтори. Секое поединечно искуство на детето влијае врз развојот на мозокот и го обликува начинот на кој тоа размислува, чувствува, се однесува и учи во текот на животот. Ако сакате да научите повеќе за развојот на детскиот мозок, емотивното приврзување, градењето на карактерот, родителските стилови и ефектите од негативните искуства врз детскиот развој, придружете ни се на нашиот трет настан – Разговори за родителството“, порачуваат организаторите.

Присутните ќе имаат можност да разговараат со експерти за детски развој, кои ќе зборуваат за развојот на мозокот преку емоциите, различните родителски стилови, емоционалната поврзаност, развојот на карактерот и влијанието на негативните искуства од детството.