Две нови изведби на перформансот „Мачката Елеонора“ во МКЦ

Перформансот „Мачката Елеонора“ на 15 и 16 април со почеток од 20 часот, ќе има две нови изведби во МКЦ Клуб. Изработен е по истоимената монодрама на Карен Јес, со авторски текстови од колективот и текстови на Елфриде Јелинек, Пол Б. Пресиадо и Силвија Федеричи. 

„Како може да се замисли индивидуална и колективна трансформација поаѓајќи од невозможноста за дијалог и од поразителната недоволност на јазикот и зборот? Монодрамата ‘Мачката Елеонора’ на германската авторка Карен Јес нуди мноштво инспиративни, смели, но и предизвикувачки решенија и одговори за патот кон трансформацијата и предизвиците поврзани со чинот на отфрлање на светот во име на радикалната самоопределба. Токму овие аспекти стојат во фокусот на перформансот ‘Мачката Елеонора’. Навидум линеарниот процес на трансформација од човек во мачка, како и на наративниот развој на перформансот е воден од принципот на сплотени контрадикции“ – велат организаторите.

Колективот составен од Моника Ангелевска, Грација Атанасовска, Јасмина Василева, Вероника Камчевска и Лазарус ги разработува овие процеси не само преку амбивалентниот лик на жената мачка Елеонора Гарацо туку и преведувајќи ги во контекст на професионалниот, сексуалниот и родовиот идентитет преку комбинирање на текстуалната основа со свои авторски трудови и трудови од други автори/авторки.

Перформансот премиерно беше изведен на минатогодишното издание на МОТ, а поради големиот интерес на публиката, имаше и втора изведба во рамките на фестивалот. Развиен е во рамките на платформата за изведувачки уметности на Тиииит! Инк. „Испробување феминистички иднини 2.0“.

Билети може да најдете на www.bileti.mkc.mk или на билетарницата на Младинскиот Културен Центар.