„Ми треба ново тело“, танцов перформанс на Викторија Илоска вечерва во МКЦ

Танцовиот перформанс „Ми треба ново тело“ од кореографката Викторија Илоска премиерно ќе се одржи вечерва (16 ноември) во 20:00 часот во Сала 25 мај во Младинскиот културен центар – Скопје (МКЦ).

„Во светот во кој уживаме во лажната слика на бескрајни ресурси, каде ја ишмукавме земјата за да ги извлечеме последните нејзини состојки, како успеваме и понатаму да пумпаме? Процесот на пумпање, односно преместување на материите од едно место на друго, се чини е во сржта на повеќето витални процеси на производството и на репродукцијата. Шмукаме, цицаме, извлекуваме и го исцедуваме земјиното тело за да ги збогатиме нашите животи, во исто време празнејќи ги нашите иднини. Така и ги инјектираме, зголемуваме и ги пумпаме нашите тела, преминувајќи ја границата на нивните капацитети. На крајот можеби ова дело ќе зборува повеќе за трошење, празнење и исцрпување. Едно е сигурно, ‘Ми треба ново тело’ ќе се одвива помеѓу телото како изложување и телото како ресурс, барајќи го местото каде што овие две се вкрстуваат“, се вели во описот за перформансот.

Концептот и кореографијата се на Викторија Илиоска во разговор со Настја Ѕубан и Лаура Стелачи, позајмените гласови во изведбата се од Амели Халлер и Марен Кјуппер.

„Ми треба ново тело“ се одржува во рамки на 47. издание на театарскиот фестивал МОТ. Перформансот е копродукција меѓу Фестивалот Прво па женски, Локомотива – Центар за нова иницијатива во уметноста, културата/програм Кореографирани тела Номад Танц Академија Словенија и Викторија Илиоска. Тој се реализира во поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија и Креативна Европа.