„Record Store Day“ утре на платото пред Младинскиот културен центар

Од 12 до 17 часот, утре на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје по петти пат ќе се одржи „Record Store Day“.

„Следејќи го генералниот концепт на прославата и ‘Record Store Day Macedonia 2022’ има свој ‘амбасадор’ – промотер на овој настан. Оваа чест, во светски рамки секогаш е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите) како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го подржувале опстојувањето на малите музички продавници. Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски Амбасадор на овогодишниот македонски Record Store Day, му ја доделуваме на Горан Трајкоски (Сарацени, Афективен Набој, Падот на Византија,
Апореа, Мизар, Анастасија, Готра, Мугер Фугер, Горан Трајкоски……). Неговото име, во изминативе 40 години, се појавува испишано на 12 винилни изданија и на повеќе од 40 други формати (ЦД и касети), издадени во Македонија, Европа и светот“, стои во најавата за настанот.

Истовремено, годинава по петти пат, на меѓународно ниво се промовира и почеста „Worldwide Record Store Legend“, за страстно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук, како и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници, додаваат организаторите.

„Сметавме дека кај нас, честа да биде промовиран во нова македонска ‘Worldwide Record Store Legend’, треба да му припадне на новинарот од кој низ годините наназад сите учевме – Љупчо Јолевски, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија (со особена страст кон винилите) и редовен посетител на европските но и на ретките македонски независни музички продавници. Во изминативе четири години оваа почест ја добија Васја Ивановски (2017), Владимир Мандичевски-Манде (2018), Бранислав Димитров-Бране (2019) и Гордан Калајџиев (2021)“, велат тие.

Истовремено, за првпат во Македонија, организаторите посочуваат дека ќе започнат со доделување на специјално признание на пионерите на македонската рок музика, односно луѓето кои го воведувале винилот како медиум за траен запис на нивата музичка фасцинација.

„На овогодишниот македонски Record Store Day, тоа признание (Пионери на винилот) го доделуваме на браќата Зоран и Димитрија Павловски, Зоко и Денки, легендарните гитарист и басист на ВИС Безимени и Република 903. Музичари чии звуци на гитарата и басот се забележани на првиот винилен носач на звук на кој се наоѓа и еден Македонски рок состав. Далечната 1969 година во Белград е снимена, и веднаш ставена на заедничка плоча, само една песна, инструментална преработка на традиционалната Си заљубив едно моме. Но и тоа ќе биде доволно да ја внесе Македонската рок музика во богатата Југословенската дискографска ризница. За жал тоа ќе остане и единствениот винилен носач на звук на кој се потпишани тие, како музички состав, но токму тие звуци започнаа да ја испишуваат убавата страница на Македонската рок историја“, се додава во најавата за настаот.

Дополнително, настанот ќе биде одбележа и со промоција на две винилни изданија, кои за првпат се изготвени како „RSD Exclusive Release“.

„Се работи за компилациите Macedonian Dark Wave 1985- 1989 и Macedonian New Wave 1979-1987 Vol.2. Обете објавени на LP формат во издание на Corpus Delicti Records. Целиот славенички настан ќе биде поддржан со DJ сетови на Robotek, Diah и Double G“, додаваат организаторите.