Промоција на стихозбирката „Фламенко утопија“ на Надија Реброња вечерва во МКЦ

Вечерва со почеток од 21 часот во сала Фросина во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи промоција на стихозбирката „Фламенко утопија“ на Надија Реброња од Србија.

Модератор на промоцијата ќе биде Јулијана Величковска, додека промотор Д. А. Лори.

„Овие исповедни субјективитети ни се посочени во светло на декомпонираните слики од секојдневието, со што се добива впечаток дека стиховите се напишани со филмски ракопис, дека се како слики направени со филмска камера. Поетесата речиси кинематографски прецизно успева да го долови моментот и иако споредбата не е невообичаена, со еден вид поетски кино-стил таа многу се доближува до поетиката на еден голем творец во областа на филмската уметност – до поетиката на Вим Вендерс“, вели Ивана Мијиќ Немет за стихозбирката.

Реброња е поетеса, есеист и книжевен критичар. Докторирала книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Предава литература на Државниот универзитет во Нови Пазар. Нејзината поезија е објавена во списанија и зборници во странство и e преведена на неколку светски јазици.