Претставата „ГЛУМиЦИ“ денеска и утре на репертоар во Младинскиот културен центар

Во Младинскиот културен центар (МКЦ), денеска и утре со почеток од 21 часот ќе се одржат изведби на претставата „ГЛУМиЦИ“ во продукција на независното здружение Артопија.

Денешната изведба е распродадена, но од МКЦ посочуваат дека сè уште има билети за утрешниот настан. Билетите се достапни на билетарница во МКЦ и онлајн преку www.bileti.mkc.mk.

„Оваа претстава ја сонуваме 10 години. Почнувавме да ја правиме неколку пати. Последниот пат кога почнавме, решивме да не ја завршиме никогаш. Прашање е дали ГЛУМиЦИ е воопшто претстава за глумици или за глумци, за театарот, за сите нас во него или за него во светот, за славата, блесокот, за сето она за што мечтаеме, за страдањето, за носењето на својот крст и верувањето. Можно е да не е. Можно е да не е ни претстава. Можно е да е нешто повеќе. Не знаеме. Не знаеме ни дали никогаш досега не сме го правеле ова или отсекогаш сме го правиле токму ова. Да пробаме заедно, па ќе видиме“, пишува во најавата за претставата.

Оригиналната музика е на Дино Имери, а дизајнот на сценскиот простор Ненад Тонкин. Претставата е поддржана од Град Скопје и Министерство за култура.