„Срам“ – перформанс на актерката Ангела Стојановска

Перформансот „Срам“, кој претставува самостоен проект на актерката Ангела Стојановска, ќе се одржи во Кино Фросина, МКЦ, во петок, на 3 декември.

Со почеток во 22 часот, перформансот е во рамки на платформата за изведувачки уметности на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско – испробување феминистички иднини“.

„Ова е моето простување со срамот од моето тело, од храната, од живеењето во оваа земја. Од срамот кој сум го негувала долго време, кој понекогаш не е лично мој и доаѓа од постапките на другите. Ова е моето прифаќање, заблагодарување и раскрстување со срамот. Време е срамот да оди кај некои други луѓе“, објаснува авторката за перформансот.

Во процесот на создавање, Стојановска соработувала со режисерот Милош Б. Андоновски, режисерката Билјана Радиновска, драматургот Ева Камчевска, но и изведувачката Викторија Илиоска.

Сценографијата за „Срам“ е на Мартин Манев, а костимографијата е на Раде Василев. Извршна продуцентка е Емилија Чочкова, а дизајнот на промотивниот материјал е Матеја Николиќ.

“Трансформацијата на изведувачката програма на Фестивалот во платформа за изведувачки уметности, произлезе од определбата за развивање феминистички изведувачки форми низ практикување солидарност, поддршка, заедничко учење и соработка, но и „пропрашување на динамиките и отфрлање на хиерархиите втемелени во конвенционалниот театар“, објаснуваат од „Тиииит Инк“.