Државата ќе ја урива дивоградбата кај „Мавровка“

Владата го задолжи Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта да ја урива дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“.

Според владината одлука, Јавното претпријатие уривањето на објектот треба да го изврши од сопствени средства.

„Во рамките на оваа одлука Владата им препорачува на Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат Договор за отстранување на бесправно изграден градежен објект, делови од објекти и бесправно поставени објекти. По исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката“, напиша на Фејсбук премиерот Зоран Заев.

Оваа одлука доаѓа откако два пати досега пропаѓаше тендерот на Општина Чаир на кој бараа компанија која ќе ја урне дивоградбата, поради тоа што ниту една фирма не се пријавуваше на јавниот повик.

Претходно денеска СВР Скопје поднесе кривична пријава за бесправнo градење кај деловниот трговски центар „Мавровка“ против 34-годишниот М.А.