Кривична пријава за бесправно градење пред „Мавровка“

СВР Скопје поднесе кривична пријава за бесправнo градење кај деловниот трговски центар „Мавровка“ во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Пријавата е поднесена против М.А. (34) поради сомнение за сторено кривично дело кое што се гони по службена должност по чл.244-а ,, Бесправно градење” од Кривичниот закон.

Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција, најави дека Владата ќе пристапи во испорачување на помош на Општина Чаир во решавање на проблемот со дивоградбата.

„Денес заедно со правните служби ги разработивме сите модалитети по многу прашања за овој проблем кој пркоси во центарот на Скопје, денеска ќе донесеме конкретни одлуки за тоа како може Владата да помогне на Општина Чаир која има записник и решение, но нема фирма извршител, односно изведувач за работите за спроведување на решението за отстранувањето на објектот кој не е согласно законската документација. Штом ќе ја донесеме одлуката, ќе ја објавиме и верувам активностите многу брзо ќе почнат на терен за да се справиме со ова незаконско дејание, што се случува дрско пред очите на целата јавност“, истакна Заев.

Кон крајот на август, Општина Чаир објави трет тендер за избор на фирма за отстранување на нелегално изградени објекти на територијата на општината.

Откако на првите два тендери не се јави ниту една фирма,  општинарите ја зголемија проценетата вредност за договорот од еден на два милиони денари.

На почетокот на јули, кога телевизија Алфа почна да го истражува случајот, објави дека го сретнале сопственикот на земјиштето каде се гради. Тој тврдел дека е инвеститор на објектот. Според Алфа, се работи за Мевљудим Алити, сопственикот на „Фонтана“, кафулето кое изгоре во пожар. Тој тогаш тврдел дека се гради според дозволата која ја добил од општина Чаир.