Повторно никој не се пријавил на тендерот за рушење на дивоградбата кај „Мавровка“

Ниту една фирма не се пријавила за рушење на дивоградбата кај „Мавровка“ и на вториот јавен повик распишан од Општина Чаир. На тендерот кој траел до вчера не стигнала ниту една понуда, па Комисијата за јавни набавки во Општината го поништила тендерот пренесе СДК.МК.

Од Општина Чаир за СДК.МК изјавиле дека од понеделник ќе разгледуваат како да постапат понатаму, за да не се случуваат нови неуспешни тендери за оваа намена.

И понатаму останува непознато името на лицето кое ја гради нелегалната градба која започна да се гради на локацијата каде во мај за време на полицискиот час изгоре локалот „Фонтана“.

Пред точно една недела Министерството за внатрешни работи соопшти дека го известиле Основното јавно обвинителство поради сомненија за кривично дело „бесправно градење“ во врска со дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.

По реакциите на јавноста за дивоградбата кај „Мавровка“, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, на пресконференција соопшти дека инспекциите утврдиле дека на локацијата се одвиваат работи за изградба на објект, без претходна дозвола. Сепак соопшти и дека немаат информации кое е лицето кое бесправно гради, па инспекторите решението за уривање го доставиле на „непознат сторител“.

Бидејќи лицето не ја урна дивоградбата самоиницијативно, Општина Чаир распиша дури два тендери за фирми кои би ја срушиле дивоградбата, на кои никој не се пријавил.

На оваа градба реагираше и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој побара соодветна реакција од општина Чаир и од државниот инспекторат.