Ганиу: „Непознат сторител“ има добиено решение да ја урне градбата кај „Мавровка“

По реакциите на јавноста за градбата кај ТЦ „Мавровка“, градоначалникот на Чаир Висар Ганиу денес свика прес-конференција, на која рече ќе ги објасни сите дилеми за објектот. Сепак, по пресот остана непознато името на инвеститорот на дивата градба кај бивша „Фонтана“, каде во мај за полицискиот час изгоре терасата на локалот, по што стартуваше изградбата на спорниот објект.

„Ретроспективно да ве известам дека истакнатиот објект има регистрирано право на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности. Но, бидејќи објектот изгори и се уништи, чиј сведок бев јас самиот како локална личност излегувајќи веднаш на лице место. Како институција, општина Чаир ги презема сите мерки за чистење на остатоците од огнот“, рече Ганиу, потенцирајќи дека после на 10 јуни бил извршен надзор од комунален инспектор.

Според градоначалникот, инспекцискиот надзор бил вонреден и било констатирано дека се „одвиваат работи за изградба на еден објект, без претходна дозвола“.

Тоа било констатирано со записник. Истиот ден, градежн инспекторат донел решение за отстранување на објектот во рок од осум дена по приемот на решението од изведувачот.

„Но, никој од присутните лица на местотото не презема одговорност за одвивање на работите како инвеститор. Па, решението му се доставува на ‘непознат сторител’“, рече Ганиу.

Ова значи, бидејќи ги затекналe само мајсторите, а инсвеститорот е непознат, затоа решението било објавено во Службен весник. Рокот за уривање започнува да тече од утре. Ако по истекување на рокот не се урне објектот, Општината треба да го урива.

„Неговата законска можност (на инвеститорот н.з.) е во иднина да достави барање до нас за враќање на објектот во првобитна состојба, секогаш во согласност со Законот за градење“, рече Ганиу.

Градоначалникот потсети рече дека на 14 јули и од МВР стигнало известување дека и тие извршиле инспекција и констатирале дека за објектот нема дозвола за градба.

„Во целиот период бевме во континуиран контакт со МВР, односно со Одделот за компјутерски криминал“, вели Ганиу.

На оваа градба реагираше и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов кој побара соодветна реакција од општина Чаир и од државниот инспекторат.

„Градот Скопје, по мое барање, уште на 09.07.2020 реагираше во надлежните инспекторати за бесправните градби кај ‘Мавровка’. Денес добив одговор од Инспекцискиот совет, за заеднички инспекциски надзор на државниот и на општинскиот градежен инспекторат. Треба да им се стави крај на бесправните објекти кај ‘Мавровка’“, објави Шилегов на 21 јули.

Б.Ш.