Деца од Босна испратија околу 2.000 подароци за нивните врсници во Украина

Илјадници босански деца чии родители се сеќаваат на босанската војна од 1992 до 1995 година, им испратија подароци на децата во Украина, земја која сега се соочува со истото искушение, пренесува „Балкан инсајт“.

„Многу од оние кои дојдоа со своите деца денес ни кажаа дека добиле подароци за време на војната во Босна“, изјави за БИРН Мирела Геко, програмска координаторка на Музејот на военото детство.

Акцијата што заврши вчера резултираше со околу 2.000 внимателно обрани, спакувани, завиткани, врзани со ленти и потпишани пакети кои ќе бидат испратени во Украина, но и во Полска, каде што многу украински деца живеат како бегалци.

„Секој пакет содржи писмо, потпишано и испратено од децата на родители кои биле во иста ситуација пред околу 30 години“, додаде Геко.

Музејот има и канцеларија во Киев, чии врски ќе се користат за да се осигури дека пакетите ќе стигнат до оние до кои се наменети.

„Ние, Босанците, навистина разбираме како тие деца се чувствуваат во моментот. Разбираме и колку значи да добиеш пакет и да знаеш дека некој, некаде, мисли на тебе“, заклучи Геко.