„Дали преку донација се подмитува Општина Тетово?“, активистите од „Тетово сака парк“ се сомневаат во корупција

По информацијата во медиумите дека Советот на Општина Тетово прифатила донација од компанијата „Збукурими“ која бесплатно ќе изработи четири детални урбанистички планови, активистите од иницијативата „Тетово сака парк“ се сомневаат дека зад овој потег можеби има скриен интерес.

„Законската регулатива и онака е матна во овој контекст, и дозволува иницијатор за промена на урбанистички план да биде било кое заинтересирано правно или физичко лице, кое по прифаќањето на иницијативата од страна на Општината, се обврзува да ја финансира и изработката на планот за кој тоа лице поднело иницијатива. Но, во овој случај фирмата се јавува како донатор, а не како иницијатор. Претседателот на Советот, г. Бесар Дурмиши, изјавил за медиумите дека не го знае точно мотивот на фирмата за давање на ваква донација, но претпоставил дека тоа е во знак на благодарност кон Општината, бидејќи во минатото Општината на некои фирми им завршувала работа, додека на други не. Понатаму, Дурмиши изјавил дека „Збукурими“ ќе гради на друго место, не во делот за каде ја финансира изработката на плановите“, стои во реакцијата на „Тетово сака парк“.

„Логично, произлегуваат неколку прашања кои ги поставуваме јавно до г. Дурмиши, до членовите на Советот на Општина Тетово и до општинските служби:

– Дали „Збукурими“ се оддолжува за нешто на Општината?

– Што подразбира Дурмиши кога вели дека Општината „завршува“ работа, па фирмата е благодарна? Општината е должна да постапи согласно закон во сите управни постапки и процеси, и во таа смисла секое „завршување“ на работа кое повлекува посебна благодарност може да се смета како издавање од Општината некаков документ (одобрение, дозвола и др.) незаконски.

– Не мисли ли Дурмиши дека „Збукурими“ ја подмитува Општината на овој начин?

– Како претседавач на Совет на Општина е запознаен кој каде ќе гради во иднина, кога тоа не е во негова надлежност?

– Во колку предмети со Општина Тетово во моментов една од страните е фирмата „Збукурими“?“, се додава во нивната реакција.

Од „Тетово сака парк“ сметаат дека во овие донации постојат основани сомнежи за коруптивно поведение и најавија дека ќе поднесат претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата.