„ЦИВИЛ – Центар за слобода“, преку соопштение до медиумите го честита Меѓународниот ден на трудот, 1-ви Мај и порачува на сите работнички и работници во Република Македонија да се охрабрат и гласно да ги побараат своите права.
Целосниот текст од соопштението во продолжение:
ЦИВИЛ – Центар за слобода им го честита 1 Мај на сите работнички и работници во Република Македонија и во светот.
На овој ден, гласно бараме да се престане со нечовечниот однос кон работничките и работниците. Бараме менување на законите во полза на работничките права и нивно доследно спроведување.
Бараме од синдикатите, граѓанските организации, политичките партии и сите што се декларираат дека се борат за социјална правда и работнички права, од денеска тоа да го прават вистински и искрено или да престанат со лагите и опортунизмот.
Работничките права се згазени, а животот на работниците е мизерен и недостоинствен, за што се одговорни владата и крајно несовесната бизнис заедница во земјата.
Работниците во оваа земја имаат најниски плати во Европа. Работниците често не примаат ни минимална социјална, здравствена и правна заштита.
Работниците работат во ужасни услови, најчесто без основни средства за заштита на работното место.
Мобингот е широко распространет, а законската заштита од него е невидлива во пракса.
Жените работнички се дополнително лошо третирани, често се понижувани и дискриминирани врз основа на нивната родова припадност, а неретки се случаите на сексуално малтретирање, за што не се осмелуваат да проговорат јавно. Самохраните мајки се во уште потешка положба.
Работниците често се исплаќаат со пари во готово. Кога се болни, пак, мораат да враќаат кеш пари на своите газди или шефови. Често им подметнуваат разни договори дека се откажуваат од одредени бенефиции и ги принудуваат да ги потпишат.
Во голем број случаи, политичката дискриминација и притисок врз работниците во реалниот сектор е речиси исто толку присутна како и во администрацијата. Под притисок на политичките центри на моќта, односно на до неодамна владејачката ВМРО-ДПМНЕ, сопствениците на бизниси во земјата се принудени на работа да примаат партиски војници.
Третманот на работниците во администрацијата и јавните претпријатија е поинаква, но не помалку лоша. Партискиот притисок, дискриминацијата и мобингот се сеприсутни. Стручната и образовната подготовка, работното искуство и ефектите од работата се потполно неважни критериуми. За добивање, задржување на работното место и напредување во администрацијата и јавните претпријатија, пресудни се лојалноста кон ВМРО-ДПМНЕ и ефектите од учеството во црните кампањи на оваа партија.
Затоа, уште еднаш ги повикуваме работничките и работниците да пријавуваат кршење на нивните права, мобинг, дискриминација и политички притисоци. Ги повикуваме да се охрабрат и гласно да ги побараат своите права, бидејќи им припаѓаат!
Среќен 1 Мај!