„Цепај сине“ – промоција на нов зборовен лексикон од Зоран Спасов – Ѕоф

Толковниот шеговит речник „Цепај сине“, од авторот Зоран Спасов – Ѕоф ќе биде промовиран на 25 октомври, среда, а книжевната промоција ќе биде пропратена со настапи на „Тhe Ringtones“ и Драган Мијалковски.

Со почеток во 20 часот, во „Станица 26“, водител на промоцијата ќе биде актерот Александар Микиќ.

Од издавачката куќа, „Литература“, велат дека во лексиконот се застапени две илјади поими, изрази и фрази што на шеговит начин ги претставуваат хуморот и менталитетот на нашето поднебје, а додаваат дека целта на авторот е да го реактуализира скопскиот „јазик“.

„Стануе збор за еден цепенковистички зборник што кај читателот треба да побуди шегобијни чу’ства, осеќаји, сенсои и филинзи. Ќе прочитате ствари што нит’ сте ги чуле нит’ сте ги виделе. За некои ќе треба да ги прашате вашите родители, доста од нив не постојат ни на ’Гугл‘, а најголемиот дел се непознати чак и за Институтот за македонски јазик. Но, едно е сигурно – или ќе ’цепате‘ или (нема да) живеете“, вели авторот.

Организаторите посочуваат дека средствата од продажбата ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

Зоран Спасов-Ѕоф е основач на повеќе електронски медиуми, основач на фондацијата „Македоника“. Беше продуцент на ТВ-шоуто „Џандар збира“. Досега има издадено пет книги и тоа „Џабе живиш у Скопје“, „Торонто експрес“, „Тито, мојот претпоследен херој“, „Некогаш, некаде“ и „Тибам штркот“.