„Чувајте го македонскиот јазик, да не го крпиме со туѓи зборови“, порача Ирена Јурчева на промоцијата на нејзината нова стихозбирка

Вчера во скопската Градска  библиотека „Браќа Миладиновци“ се одржа промоцијата на „Огнот наш нестишен“, новата стихозбирка од поетесата и писателка Ирена Јурчева.

Во новата книга таа пишува за огнот како творечка сила и креативност, а еден од двајцата водечки ликови го именува Огнен што случајно се среќава со идејата за пароним на името на книгата.

„Огнот како симбол на внатрешната сила, на творечката сила, креативноста на онаа пробивна енергија да се направи нешто ново. Огнен и Искра се мои имагинарни ликови од моите факултетски години коишто се насетуваат во поезијата пред да се сретнат. Се среќаваат, на почетокот настапуваат мошне дефанзивно затоа што самата љубов знае да биде сурова и сите сме искусиле. Остануваат заедно, но треба да се борат, треба да наликуваат на таа стихија, на огнот затоа што живеат во многу полоши времиња од нашиве. Насловот на книгава, ‘Огнот наш нестишен’ сакав да звучи како лебот наш насушен, лебот што ни е неопходен за живот, така и огнот што гори во нас, за да истраеме“, истакна Јурчева на вчерашната промоција.

Низ стиховите се провлекуваат и низа народни премиси, кои, како што рече авторката потекнуваат од нејзините преводи на митска фантастика што како жанр подлежи на истражување низ јазикот меѓу книги, житија, народни песни и приказни.

„Честопати велиме ‘па нашиот јазик е сиромашен’ и ако имаме некоја празнина ја пополнуваме со зборови од некој друг јазик, најчесто англискиот, а сме преполни со убави изрази коишто се расфрлани по разни книги и сакаат некако да се пробијат, а често ги забораваме. Дури самиот јазик, моите изрази имаат цел преку песните да излезат од заборавот“, посочи поетесата.

Прашана за мотивите на водата и огнот, Јурчева рече дека кога пишува најлесно ѝ доаѓа тоа да биде за контрастите.

„Ако дојде некое стилско изразно средство вие го фаќате и го забележувате, но отпосле доаѓа она нивно подредување во стиховите. Мислам дека стилските изразни средства преку коишто моите согледби и чувства најубаво ги изразувам се контрастите. Јас го барам оксиморонот, за тоа ќе седнам и ќе размислам како ќе се вклопи во стих“, забележа Јурчева кон стихот „Тој наш оган е жива вода“.

За крај поетесата рече дека испраќа порака повеќе да се чита; од печатени книги и од македонски имиња.

„Имам една порака и кон младите читатели: чувајте го македонскиот јазик да не го крпиме со туѓи зборови. Тоа е жива материја, се менува, но да се чува колку што е можно почист. До книжевните критичари ќе речам, навистина сте ни многу потребни“, порача таа.

Рецензент и промотор на книгата беше Верица Мукоска, а на промоцијата стихови читаа Катерина Гогова и Софија Тодороска. Книгата е во издание на „Современост“.

Ангела Бошкоска