Царовска: Носиме закон со кој младите ќе се стекнат со платена пракса во фирмите

Под покровителство на Советот за регионална соработка (RCC) во рамки на проектот „Платформа за вработување и социјални работи“ денеска во Скопје се одржува регионална работилница за Практиканство, на која учествуваат претставници од шест држави од Западен Балкан.

На отворањето на работилницата се обрати министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска која ја акцентираше посветеноста на Министерството со кое раководи во креирањето на програми за намалување на младинската невработеност.

„За прв пат во Македонија носиме закон со кој се овозможува на младите да се стекнат со пракса во фирмите и за тоа да им биде платено. Периодот кој може да работат како практиканти е од 1 до 6 месеци. За ангажирањето до 3 месеци ќе се исплаќа сума од околу 5.000 денари месечно, а за сите што ќе останат на практиканска работа над 3 месеци ќе добиваат надоместок во висина на законски утврдената минимална плата“, изјави министерката Царовска.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска во своето обраќање потенцираше дека програмата Практиканство има клучна улога во вклучување на младите лица на пазарот на трудот, бидејќи работното искуство кое го стекнуваат преку неа, им ги отвора вратите кон долгорочно вработување.

„Иако не постои обврска за вработување по завршување на практичната работа, анализите покажуваат дека 50% од младите лица кои биле вклучени во оваа програма се вработиле по нејзиното завршување.Така во 2017 година со програмата Практикантво беа склучени 948 договори, а од нив беа вработени 518 лица, оваа година опфатот е зголемен и потпишани се 1.272 договри за Практиканство“, изјави Јовановска.

Регионалната работилница за практиканство ќе трае два дена. Во текот на утрешниот ден пред присутните ќе биде презентиран и проектот Младинска Гаранција. Се работи за проект по терк на земјите членки од ЕУ кој Македонија за првпат како пилот проект го имплементира оваа година во 3 општини. Младинската гаранција успешно се спроведува и преку неа досега се вработија 1.411 млади лица. Македонија е единствена земја која не е членка на Европската Унија која го спроведува проектот Младинска Гаранција.