Британски универзитет на студентите им нуди предмет за движењето Black Lives Matter

Студенти на британскиот Универзитет во Хертфордшир добиваат можност да учат за Кендрик Ламар и Бијонсе, како дел предмет фокусиран на „Black lives matter“, активистичкото движење против насилството и системскиот расизам кон црнците.

Предметот наречен „Американската култура и #BlackLivesMatter“, е дел од студиската програма за литература и култура на Универзитетот и во него ќе се изучуваат современи текстови поврзани со движењата за социјална правда и анти-расизам.

Дел од литературата по предметот, вклучува и филмски дела како „Get Out“, „13th“ и „Moonlight“, како и песните „Formation“ од Бијонсе и „Alright“ од Кендрик Ламар. Дополнително во предметот се изучува и графичкиот роман на „Black Panther“, кој беше адаптиран во филмски блокбастер на Марвел, како и книгата „The Underground Railroad“ на Колсон Вајтхед, која е добитник на Пулицеровата награда.

Кристофер Лојд, предавач по англиска литература на Универзитетот во Хертфордшир, за Индепендент изразил надеж дека преку новиот предмет ќе се зголеми бројот на студенти црнци, како и од малцинските етнички заедници во институцијата.

Воведувањето на новата студиска програма доаѓа откако универзитетите низ Велика Британија се соочија со повици од студентите за „деколонизирање“ на студиските програми и изучување на повеќе писатели црнци и од малцинските етнички заедници.