Битолчани во четврток ќе вртат педали на последната Критична маса за 2017  

БитолаНаТочак во четврток (28 декември) ја иницираат последната 44-та Критична маса за 2017 година. Овој пат, велосипедистите ќе вртат педали низ Битола под мотото „Нова година, нови промени“.

Новогодишната Критична маса започнува од 18 часот од плоштадот „Магнолија“. Слично како и во Скопје, велосипедистите од Битола се очекува да возат и да побараат поубав, побезбеден, почист и повелосипедски град во новата 2018 година.

Пред главниот настан од 16 часот е предвидена работилница за изработка на новогодишни украси.

„Сите кои сакаат да си го украсат точакот во новогодишно руво се поканети на заедничка дружба пред КМ во YMCA Битола. Оваа е новогодишна КМ и затоа ве очекуваме со вашето новогодишно расположение! Украсете ги вашите точаци, ставете балони, сијалички и сл идеи кои ги имате. Доколку немате идеа, тогаш, понесете си материјали со вас и ве очекуваме на работилница“, најавуваат од БитолаНаТочак, кои по Критична маса повикуваат на чајче во Бар Чаршија.