Бектеши: Следната недела нов пакет антикризни мерки, стапката на инфлација е преполовена

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека следната недела може да се очекува новиот пакет антикризни мерки, пишува агенцијата Мета.

„Пакетот антикризни мерки вчера беше споделен од Министерството за финансии со Кабинетот на премиерот, со нас и со другите институции вклучени во неговото креирање. Најверојатно мерките ќе бидат објавени и ќе почнат со реализација кон средината или кон крајот на наредна недела“, истакна Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на „Скопска пивара“.

Според него, статистичките податоци за спроведените мерки дале резултат.

„Стапката на инфлација во октомври изнесува 3,5% и е преполовена споредено со претходниот месец кога растот на трошоците за живот изнесуваше 6,6%. Трошоците за живот во делот на храна и безалкохолни пијалоци во октомври бележат раст од 1%, што е драстично намалување сппредено со 7,8% пресметани во претходниот месец. Споредено со октомври 2022 година кога инфлацијата изнесуваше 19,8% за една година бележиме намалување на инфлацијата од 5,5 пати“, напиша дополнително Бектеши на неговиот профил на Фејсбук.

Министерот за економија Бектеши, зборуваше и за Законот за нефер трговски практики, за којшто кажа дека се изработува во соработка со бизнис заедницата.

„Завршуваме со разгледување на сите забелешки од коморите и во текот на следната недела финалното предлог решение ќе биде доставено до Владата, а потоа и до Собранието. Целта на овој закон е на долг рок да се намалат цените на основните прехранбени производи и да се заштитат потрошувачите“, рече тој.

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека резултатите од владините мерки за намалувањето на цените на основните производи веќе даваат ефекти.

„Очекуваме и дополнително намалување на цените на производите со предложениот Закон за забрана на нефер трговски практики, со којшто ќе се регулираат 26 нефер трговски практики. Со носењето на овој закон влијаеме врз регулирањето на цените на пазарот, но и ги уредуваме условите на трговија со земјоделски и прехранбени производи со цел да нема вештачко кревање на цените. Со сите овие мерки, навистина сум оптимист дека ќе успееме да ја сведеме инфлацијата под 6% до крајот на годината“, нагласи премиерот Ковачевски.

Мета