Владата забрани акции и попусти на храната во маркетите, се најавува замрзнување на цените на повеќе од 50 производи

Владата на вчерашната седница донесе одлука со која се забранува на трговците кои вршат трговија на мало на земјоделски и прехранбени производи да нудат акциска и промотивна продажба, со исклучок на алкохолни и безалкохолни пијалаци, при нивно ставање во промет.

Од Владата велат дека одлуката е донесена согласно членот 29 став 1 алинеја 3 од Законот за трговија, за нарушување на домашниот пазар, со цел да се спречи злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки.

„Со оваа одлука ќе се намалат можни манипулации при ваквиот вид на продажба на земјоделски и прехранбени производи, исто така ќе се намали и ќе се спречи нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки. Одлуката е со цел граѓаните да ја знаат точната и реална цена на производот, и да не се доведуваат во заблуда со цените на прехранбените производи. Одлуката ќе се применува до 30 ноември 2023 година“, соопштија од Владата.

По вчерашната средба на министерот за економија, Крешник Бектеши, со претставници од ланците на супермаркети низ земјата беше соопштено дека следната недела до Владата ќе биде доставен предлог за намалување на преку 50 основни прехранбени производи чии цени би се намалиле за најмалку 10%.

„Министерството за економија работи на дополнителни мерки кои ќе бидат насочени и кон дистрибутерите и кон производителите на основни прехранбени производи со кои ќе имаме дополнителен состанок, но најважно од се` дека потрошувачите нема да се чувствуваат измамени“ кажа Бектеши и најави дека Министерството за економија истовремено ќе изготви и измени и дополнувања на Законот за Државниот пазарен инспекторат, со кои инспекторите ќе можат да постапуваат поекспедитивно.

Министерот информираше дека следната недела ќе биде готов и законот за нефер трговски практики, според кој се предвидува да се укинат над 20% од одредените давачки во ланецот трговија, што дополнително ќе влијае во намалување на цените во малопродажба.