АВМУ препозна мизогинија и сексизам на три радио станици

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги констатираше дека спотови од заедничка кампања во сопствена продукција на Сити Радио, Клуб ФМ и Метрополис Радио Мрежа, која, како што се вели во нив, е наменета за „сите пре-еманципирани жени“, се мизогинистички и сексистички.

Агенцијата констатира дека кампањата претставува дискриминација врз основа на пол, ширење мизогинија и сексизам, што е флагрантно кршење на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. „Трите радиодифузери кои ја продуцирале оваа кампања, се однесуваат на начин кој е непоимлив и целосно неспојлив со професионално однесување“, додаваат од АВМУ.

Во кампањата, еманципацијата на жените и на мажите се поставуваат како два процеси кои меѓусебно се исклучуваат, еманципацијата и стремежот на жените да го достигнат максимумот во своите кариери се претставува како негативна појава, успешните жени се подложуваат на потсмев и омраза, а на децата и младите од обата пола им се испраќа порака дека не се еднакви и дека не треба да се стремат кон еднаквост.

До трите радија се упатени известувања за констатираното прекршување на Законот, Извештајот од надзорот е достапен на веб страницата на Агенцијата, а ќе биде испратен и до Комисијата за заштита од дискриминација.

Од трите радија се извинија на „сите оние кои почувствувале дека Кампањата „Пре-еманципирани жени“ има намера да го навреди или дискриминира идентитетот на жената, нејзината позиција, улога и значење во семејството, во општеството и во некоја од неговите сфери“.

„Напротив, префиксот ПРЕ од насловот на кампањата, има намера да посочи дека сѐ што оди во крајност и е претерано е контра-продуктивно, дека газењето на сѐ пред себе во исто време значи заборавање на етичкото во себе, и сквернавење на архетипското и суштественото кај жената. Кампањата посочува и на машкиот квази-традиционален модел на супериорен, егоистичен, пасивен маж, со „генетска предиспозиција за доминантност“, кој живее на грбот на жената“, напиша Сити Радио.