АМС објави конкурс за изложбата на млади визуелни уметници и групи „Young art 2023“

Агенцијата за млади и спорт (АМС) го објави Конкурсот за изложбата „Young art 2023“ на која со свои авторски дела може да учествуваат млади визуелни уметници и групи.

На конкурсот може да се пријават млади во две годишни категории – од 15 до 20 години и од 21 до 29 години, а учесниците можат да конкурираат во повеќе дисциплини: сликарство, скулптура, графика , графички дизајн и фотографија.

Од АМС велат дека конкурсот цели кон анимирање, промоција и стимулирање на младите македонски уметници, а дополнуваат дека делата со кои аплицираат авторите треба да кореспондираат со современите уметнички практики, и да имаат изразен индивидуален, визуелен и креативни ракопис.

„Агенцијата за млади и спорт ги охрабрува сите млади автори и групи на возраст од 15 до 29 години, да достават свое дело на конкурсот. Секој кандидат учествува со по едно дело. Изложбата е селективна, а жирито ќе додели по една награда за уметнички достигнувања за петте дисциплини, во износ од 40,000 денари во категорија од 21 до 29 години, и од 30.000,00 денари во категорија од 15 до 20 години“, посочуваат организаторите.

Изложбата Young art оваа година ќе се реализира по десетти пат, а има за цел да ги поддржи и стимулира младите во продуцирање на современо ликовно творештво, но и да направи пресек на современата ликовна продукција на најмладата генерација визуелни уметници.

Рокот за доставување на делата е 30 дена, односно до 3 ноември.

Повеќе информации за процесот на аплицирање се достапни  тука.